mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Со свадба против загадувањето на реката

Со свадба против загадувањето на реката

Типографија

Пред една година, реката Киливунг во главниот град на Индонезија, Џакарта, била валкана, ширела непријатна миризба и низ неа пловеле пластика и друго ѓубре. Но по акцијата за чистење во која биле вклучени стотици волонтери, во реката се одржала свадбена прослава за млад пар што израснал на нејзините брегови.


Новите сопружници решиле да стапат во брак во реката, за да ги поттикнат луѓето да ја чуваат и да ја заштитуваат природата.

  • Ја покажавме нашата љубов кон нашиот јазик и култура, време е да ја покажеме љубовта кон природата - вели младоженецот Нованто Рахман.

Неговата сопруга, Сандра Фиделиа Новијанти, е волонтер во организацијата што ја почна акцијата за чистење во 2015 година. Двојката стапи во брак на чамец на надувување украсен со цвеќиња, кој пловеше со весла низ Киливунг. Такво нешто не беше возможно една година претходно, поради купиштата ѓубре во реката.

Киливунг е река долга околу 100 километри, извира во западниот дел на островот Јава и се влева во морето во заливот на Џакарта. Уште од 17 век таа имала важна улога во економијата и во животот на градот. И покрај лошиот квалитет на водата, сиромашните семејства што живеат покрај неа ја користат за капење и за перење алишта. Со децении во неа се фрлало ѓубре, поради кое водата одвај стигнувала до заливот. Дури и поплави се случувале затоа што отпадот го попречувал текот. Гувернерот на Џакарта Басуки Џахаја Пурнама наредил да се отстранат некои диви населби и да се иселат нивните жители, за да се овозможи непречен тек на водата до заливот.

Во акцијата за чистење, околу 4.000 работници ваделе ѓубре од 13-те реки и стотиците канали што поминуваат низ градот од 10 милиони жители. Иако количеството на ѓубре на површината е намалено, екологистите сметаат дека за да се постигне трајно решение, треба подобро да се спроведуваат законите против загадувањето.

  • Иако постојат докази што покажуваат дека неколку компании се виновни за испуштање отпадни води во реката, никој не прави ништо и тие си продолжуваат со својата работа - вели Дви Савунг од Индонезискиот форум за животна средина.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет