Третата работилница: „Вовед во истражувачко новинарство“ во рамките на проектот „Развој на еколошко истражувачко новинарство, се одржа од 08 - 10.07. 2016 година во хотел „Бистра“ - Маврово.
Учество зедоа вкупно 35 учесници од кои 15 претставници на граѓански организации (11 со еко предзнак и 4 со заштита на маргиналните групи) како и новинари од 15 различни медиуми во нашата земја (локални и национални печатени медиуми, електронски медиуми и веб портали). Предавач беше Марјан Николовски, искусен новинар истражувач.
Беа обработени следните теми:
- Вовед во истражувачко новинарство и искуства на учесниците со истражувачко новинарство (директно и индиректно);
- Основи на истражувачко новинарство (Можен ли е развој на еколошкото истражувачко новинарство во Македонија);
- Вредни теми за истражување со акцент на животната средина и природата;
- Релевантни извори на информации и создавање на новинарска мрежа;
- Почеток на истражување, интервјуирања, основни на истражувачки алатки, раскажување на приказната;
- Објавување на истражувачка сторија, сфери на влијанија, судир на интереси медиуми - бизнис – истражување - животна средина);
- Етички, правно - законски правила на игра и црвени линии.
Како резултат на тридневната работа произлегоа следните заклучоци и препораки:
- Во Република Македонија постои потреба и има простор за развој на еколошко истражувачко новинарство. Основен предуслов е да се развие еколошкото новинарство со цел темите од областа на заштитата на животната средина и природата да бидат приоритетни во јавноста;
- Новинарите и граѓанските организации треба да ги надградат сопствените капацитети за учество во процесот на развој на еколошкото истражувачко новинарство во Република Македонија во функција на заштита на јавниот интерес како приоритет.
- Креирањето на заедничка платформа за еколошко истражувачко новинарство ќе ја зајакне позицијата во општеството на новинарите и еколошките граѓански организации. Со тоа ќе се воспостават стандардите и нивото на делување , кодексот на однесување и влијанието врз модерните процеси и трендови на случувања во општествено - политичкиот и економски систем на Република Македонија.
- Заедничката платформа, во функција на времето треба да ги обезбеди неопходните ресурси (човечки, материјални, технички и финансиски) за понатамошен развој на еколошкото истражувачко новинарство.