Кина планира да вложи 65 милијарди долари на околу 4.800 посебни проекти за подобрување на водоснабдувањето на населението, соопштило кинеското министерство за заштита на животната средина.
Централната влада веќе наменила еден дел од овие пари за проекти што ќе се спроведат оваа година, а чии главни цели се да се подобри снабдувањето со вода во големите градови и да се намали загадувањето на големите реки.
Ројтерс известува дека Кина троши се` повеќе пари да го подобри квалитетот на водите, за да ги надомести штетите од нерегулираното истекување хемикалии, неисправната канализација и прекумерното користење пестициди и вештачки ѓубрива. Се проценува дека дури две третини од подземните води во земјата, и една третина од површинските води, не се препорачливи за никакво користење од човекот.
Министерството соопштило дека провинциите што ќе ги постигнат целите навреме ќе бидат наградувани, а на оние што нема да успеат ќе им биде укинато финансирањето на проектите.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS