mksqen
20
Саб, Апр
0 Нови / 7 дена

Јануарскиот снег во струмичко направи штета од над седум милиони денари

Јануарскиот снег во струмичко направи штета од над седум милиони денари

Типографија

Вкупната штета што снежните врнежи на 19 и 20 јануари годинава ја предизвикаа во струмичко се проценува на 7.007.581 денар, процени Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при општина Струмица.

После временската непогода до Комисијата биле поднесени 94 барања за проценка на штета од кои 55 од населеното место Куклиш, 10 од Муртино, 12 од Баница, пет од Банско, три од Габрово, по две од Дабиле, Сачево и Водоча и едно барање од Раборци.

  • Комисијата изврши непосреден увид и процена по сите барања, при што процени штета по барања на 73 граѓани, а кај останатите Комисијата констатира дека нема штета или штетата не е предизвикана од снежните наноси. Утврдената штета е причинета од тежината на снегот од кој попуштија полиетиленските платна и конструкции на халите и оранжериите за раноградинарско земјоделско производство. Вкупната штета на граѓаните која што ја процени Комисијата изнесува 7.007.581,00 денари - се вели во информацијата од Комисијата.

Извештајот што го подготви Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при општина Струмица по усвојувањето од Советот на општината ќе биде доставен до Комисијата за процена на штети од елементарни непогоди при Владата на Република Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија