Евроамбасадорот Самоел Жбогар во рамки на проектот „ЕУ за тебе" ја посети општина Струмица, а акцентот беше на еколошките проекти. Жбогар Ја посети пречистителната станица за третман на отпадни води, еден од најкрупните проекти финансирани од ЕУ со повеќе од пет милиони евра.
- ЕУ и Струмица имаат долгогодишна успешна соработка. Слушнав дека заштитата на животната средина е во фокусот на работата на општината преку гасификацијата, промоцијата на фотоволтаични системи и ред други обновливи извори на енергија. Со изградбата на пречистителната станица ќе се исчисти и реката Струмица, а се запознав дека општината се грижи и за речното корито на друга река и за изградба на депонија - вели Жбогар.
Тој очекува реализацијата на овие проекти да бидат охрабрување за понатамошна соработка и реализација на нови проекти.
Вршителот на должноста градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов рече дека во моментов во Струмица се реализираат два крупни проекти за заштита на животната средина.
- Изградбата на пречистителната станица и изградбата на канализациона мрежа за населените места Просениково, Дабиле и Добрејци се два големи проекти кои ги реализираме во моментов со финансиска помош од ЕУ. Во последните 10 години преку КАРДС и ИПА програмата Струмица има искористено 12 милиони евра пари на Унијата за реализација на 13 проекти. Со учество на општината со буџетски средства вредноста на овие проекти е многу поголема - вели Костадинов.