mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Македонија ќе може да врши рано прогнозирање временски непогоди

Македонија ќе може да врши рано прогнозирање временски непогоди

Типографија

Три милиони евра ќе вложи Македонија во опрема за брзо детектирање и најавување на временските неприлики.

Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков додавајќи дека проектот веќе се подготвува, а целта е да обезбеди капацитет за обработка на огромен број информации кои треба да дадат што поточна прогноза.

  • Таква опрема е неопходна за да можеме да собереме, а потоа и да обработиме, куп информации кои прецизно ќе ни кажат во кој правец се движат временските појави, што точно ќе се случува, што можеме да очекуваме и врз основа на тоа да преземеме соодветни мерки - изјави Цветков на меѓународната конференција што ја организира УХМР.

Во тек е и набавка на ултра модерен компјутер кој, како што дополни дректорот на УХМР Оливер Ромевски, треба да пристигне во март годинава.

  • Гледаме да ги направиме сите можни бај-пасови, а имаме план да се осовремениме во целост, почнувајќи од радари, за да бидеме конзистентни во се она што го даваме како информација - потенцира Ромевски.

Македонија ќе биде и дел од заедничкиот хидрометеоролошки софтвер на земјите во регионот. Овој Систем за рано предупредување и известување за повеќе опасни појави во ЈИЕ (SEE-MHEWS-A) е всушност платформа на која, како што напоменаа Цветков и Ромевски, метеоролозите ќе ги идентификуваат потенцијално опасните појави и нивното влијание, особено ако тие засегаат повеќе земји.

  • Земјите од регионот паралелно ќе ги следат временските појави за што побрзо и подобро детектирање, превенција и справување со непогодите.  Притоа, ако хидрометеоролошкиот сервис на некоја држава нема можност да увиди одредени девијации во временските услови посебно во лето кога детектирањето е потешко, ќе се фузионираат информациите од други земји кои имаат пософистицирана опрема и кои можат да ја забележат потенцијалната појава - објасни  Ромевски.

Системот, додаде тој, ќе обезбеди ефективни и тестирани алатки за прогнозирање опасни временски појави, како и евентуални можни влијанија преку единствена виртуелна платформа.

  • Проектот е во насока на натамошно развивање на капацитетите во метеоролошкото и хидролошкото прогнозирање, како и во издавањето предупредувања за екстремни случувања, а е од суштинска важност за националните хидрометеоролошки служби од ЈИЕ. Во однос на временските услови, Македонија е безначаен фактор, премногу е мала територијално, а процесите се одвиваат на многу широк простор. Затоа не можете да се базирате на еден сервис, мора да имате соработка - подвлече Ромевски.

За ланските поплави Ромевски вели дека биле предвидени, но не и нивниот обем зашто се работи за временски услови. Да можел некој да каже, тогаш немало да има поплави ни во Германија, Австрија, Хрватска. Можеме да помогнеме во предвидувањето на временските непогоди, но тие не може да не се случат, потенцира Ромевски, повикувајќи се на ставот на претседателот на Светската метеоролошка организација Иван Дачиќ.

Меѓународната конференција ќе се одржува три дена, до 9 февруари. Се организира во соработка со Светската метеоролошка организација и УСАИД како дел од проектот „Зајакнување на системот за рано предупредување на временски и хидролошки непогоди во регионот на Југоисточна Европа“.

На конференцијата присуствуваат експерти од преку 20 земји, меѓу кои британски, шведски, руски, кинески, како и претставници од Светската метеоролошка организација и други европски организации од областа на метеорологијата и хидрологијата.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија