mksqen
20
Саб, Апр
0 Нови / 7 дена

Ресенските основци се запознаа со значењето на птиците за екосистемот

Ресенските основци се запознаа со значењето на птиците за екосистемот

Типографија

Ученици од основните училишта во Ресен имаа можност да се запознаат со природното наследство во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000“.

Претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, општината Ресен и меѓународни експерти на најмладите им презентираа кои видови птици се застапени во Преспа и какво е нивното значење за екосистемот.

  • Во рамките на проектот, експерти од повеќе области работат на истражување на видовите и живеалиштата кои се дел од мрежата „Натура 2000“, за да може да се предложат подрачја „Натура 2000“ и во Република Македонија. Едни од нив се експертите за птици кои им објаснуваа на децата кои видови птици се присутни тука и какво е нивното значење за екосистемот - вели Гоце Соколевски, секретар на општината Ресен. 

Како засегната страна во овој процес, општината, според него, имаше можност преку експертите ангажирани од ЕУ  да добие повеќе сознанија за процесот на воспоставување на мрежата   „Натура 2000“пред се во делот на ставањето во функција на одржлив развој за локалната заедница преку подрачјата „Натура 2000“.

Идентификацијата на различните значајни подрачја за птици како дел од мрежата Натура 2000 е работа која, според Николај Петков експерт од Република Бугарија, Македонија треба да ја заврши пред нејзиното пристапување во ЕУ.

  • Целта на проектот е да го поддржи ваквиот процес и заедно со колегите работиме на верификување на подрачјата кои ќе бидат дел од мрежата - истакнува Петков.

Мрежата „Натура 2000“ треба да обезбеди долгорочен опстанок на највредните и загрозени видови и живеалишта во Европа наведени во Директивата на ЕУ за птици и за живеалишта.

Проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000“ е финасисран преку ИПА-компонентата и треба да овозможи подобрување и усогласување на македонското со европското законодавство од областа на заштита на природата.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија