mksqen
16
Вто, Апр
0 Нови / 7 дена

Грција става ред во собирањето печурки

Грција става ред во собирањето печурки

Типографија

Грчкото министерство за животна средина ја подготвило првата законска рамка со која треба да се стави ред во собирањето диви печурки во земјата.

Една од целите е да се сертифицираат печурките, за да се оневозможи увезените да се продаваат на пазарот како грчки.

Уште од минатото лето била формирана работна група составена од експерти и од луѓе вклучени во бизнисот со печурки.

  • Не постои посебна законска рамка за хранливите диви печурки во Грција, туку тие се регулирани со мерките што ги опфаќаат и тревките и другите растенија, и се разликуваат кај различни локални власти. Како и секоја друга форма на користење на природните богатства, собирањето печурки мора да биде регулирано со закон - вели Гиоргиос Константинидис, претседател на националната асоцијација на грчки печуркари.

Како што објаснил Константинидис, интересот за грчките печурки бил во пораст во последните 14 години.

  • Низ земјата основавме 10 клубови на љубители на печурки, а се одржуваат над 250 фестивали посветени на печурките, што се мошне посетени. На сите им даваме можност да отидат во шума и да наберат печурки, како и да научат кои се хранливи, а кои опасни. Истовремено, има многу фирми, главно семејни, кои се вклучени во собирањето, стандардизацијата, обработката и во продажбата на печурките. Каталогизиравме околу 60 грчки производи од печурки, од кои некои се мошне оригинални - додал тој.

Сертификацијата на собирачите на печурки е една од мерките на кои најмногу се инсистира.

  • Тоа е многу важно затоа што ќе обезбеди сигурност дека производот што завршува на нашите трпези е безбеден, како и дека доаѓа од нашата земја и не е лажно продаван како грчки - објаснува Ригас Циакирис од Одделот за шумарство на градот Јанина, кој е координатор на работната група на министерството.

Заклучоците на групата се очекува да бидат готови до февруари. Тие треба да содржат опис на проблемите и предлози за подобрување на состојбата. Константинидис објаснува дека сертификацијата на собирачите на печурки нема да ги опфати собирачите-аматери. Целта е со тоа да не се ограничат жителите на планинските села да берат печурки за своите потреби. Но оние што ќе ги собираат за да ги продаваат во рестораните, во продавниците или на компаниите, ќе треба да поминат низ процес на обука и на сертификација. Заработувачката била добра, поради што растел интересот за собирање печурки.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Балкан