Кога станува збор за климатските промени и за борбата да се држат под контрола, 2016 беше година на екстреми, пишува Ројтерс. Еуфоријата од многу брзото стапување на сила на Парискиот климатски договор се урна за само неколку дена кога Доналд Трамп беше избран за претседател на САД, со што се зголеми загриженоста дека може да ја повлече земјата од него. САД се вториот најголем емитер на стакленички гасови во светот.
Но и покрај тоа, имаше голем напредок во напорите да се поттикне климатска акција на локално, национално и на меѓународно ниво, со што се потхранија надежите дека глобалното движење за справување со климатските промени е посилно отколку државните влади. Една од причините за тоа е што инвестициите се оттргнуваат од проекти што се штетни за животната средина и се повеќе се слеваат во почисти, зелени проекти. Обновливата енергија станува многу поевтина и може да се натпреварува со фосилните горива во многу земји. Исто така, многу влади презеле мерки за да го заштитат своето население од екстремни временски појави како поплавите и сушите.
Според експертите што ги консултирала агенцијата Ројтерс, има пет знаци што покажуваат дека климатската акција се засилува.
Првиот е дека се склучија повеќе важни меѓународни договори. Освен што Парискиот договор стапи во сила само 11 месеци откако беше потпишан, 191 земја во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство исто така потпишаа договор за мерки за намалување на емисиите, а 197 страни го потпишаа и Протоколот од Монтреал кој ја регулира употребата на материи што ја оштетуваат озонската обвивка.
Второ, има се помалку поддршка за индустријата на фосилни горива. Земјите од групата Г7 (седумте најразвиени економии) поставија краен рок до кога треба да го прекинат субвенционирањето на овие индустрии, до 2025 година.
Трето, обновливата енергија доаѓа во центарот на вниманието. Меѓународната енергетска агенција ги зголеми своите предвидувања за растот на обновливата енергија, благодарение на политиките за нејзина поддршка во САД, Кина, Индија и во Мексико, и на големото намалување на трошоците за инвестирање во неа. Светот првпат беше заобиколен од соларен авион, соларни патишта се отворија на четири континенти, а компанијата Тесла произведе соларни ќерамиди.
Четврто, расте свеста за подготвеност за природните несреќи. Ова беше поттикнато од сушата предизвикана од феноменот Ел Нињо, која погоди повеќе од 60 милиони луѓе. Поради неа, поголем број влади одлучија да вложуваат во подобрување на инфраструктурата, јавните услуги и во безбедноста на снабдување со храна.
Петтиот знак е дека има се повеќе иницијативи за борба со климатските промени, кои доаѓаат од компаниите, инвеститорите, градовите, локалните самоуправи и од други страни.
- 2016 година навистина беше година на транзиција од бескрајни разговори и преговори во акција како да се справиме со климатските промени, која ги вклучува владите, провинциите, градовите, компаниите, парламентите и засегнатите заедници - вели Салемул Хуч, директор на Меѓународниот центар за климатски промени и развој.