mksqen
20
Саб, Апр
0 Нови / 7 дена

Оланд и Бан до Трамп: нема запирање на борбата со климатските промени

Оланд и Бан до Трамп: нема запирање на борбата со климатските промени

Типографија

Организацијата на обединетите нации (ООН) и Франција испратија предупредувања до новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп дека историската промена од фосилни горива на други извори на енергија е незапирлива.

Генералниот секретар на ООН Бан Ки-мун и претседателот на Франција Франсоа Оланд ги изразија своите ставови на климатскиот самит во Маракеш во врска со стравувањата дека Трамп би можел да се повлече од Парискиот договор постигнат минатата година.

Оланд пред претставниците на речиси 200 држави рекол дека ако не се преземе ништо во врска со климата, ќе има страшни последици за идните генерации и ќе биде загрозен мирот. Тој и Бан го повикаа Трамп, кој претходно го нарекуваше глобалното затоплување „измама“ да се откаже од кампањата за повлекување од Парискиот договор.

  • Соединетите американски држави се најголемата економска сила во светот и втора земја според емисиите на стакленички гасови. Поради тоа мора да ги почитуваат обврските што ги презеле. Нема повлекување од договорот - рекол Оланд и предизвикал аплаузи во салата.

На конференциите на Обединетите нации е мошне невообичаено светските лидери да посочат некого со прст, дури и за прикриена критика. Бан и Оланд се меѓу главните творци на Парискиот договор.

  • Тоа што порано беше незамисливо, сега е незапирливо. Како многу успешен човек од бизнисот, верувам дека Трамп ќе сфати дека светската економија се движи кон почисти извори на енергија, како ветерот и сонцето, кои стануваат поевтини, и се оддалечува од фосилните горива - додал Бан.

Тој рекол дека зборувал со Трамп на телефон по неговиот избор и дека планира да се сретне со него наскоро. Борбата со климатските промени беше главната политика на Бан Ки-мун во неговиот десетгодишен мандат на чело на Светската организација.

Доналд Трамп претходно изјавуваше дека планира да ја поттикне американската индустрија за јаглен, нафта и гас и да ги напушти политиките на претседателот во заминување Барак Обама за намалување на емисиите на стакленички гасови за 26 до 28 отсто до 2025 година, во споредба со нивото од 2005 година.

Победата на Трамп, која се случи само два дена откако почна климатскиот самит во Маракеш, целосно ја засени оваа конференција. Откако стана јасно дека тој ќе победи на изборите, цените на акциите на компаниите што ископуваат јаглен пораснале, а на производителите на обновлива енергија паднале.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет