mksqen
26
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Два шумски пожари во Кривопаланечко

Два шумски пожари во Кривопаланечко

Типографија

Екипите на Територијална противпожарна единица Крива Паланка во текот на вчерашниот ден гаснеле пожар на две локации во приградскиот реон.

Во едниот пожар во село Луке изгорела поголема површина бор и бука, додека во вториот во село Мала Црцорија гореле стрништа.

Пожарот во Луке настанал во месноста викана Станков рид, а интервенирано е со три екипи. Од ТППЕ е упатена една екипа со тројца пожарникари и две екипи од Јавно претпријатие Македонски шуми, подрачно шумско стопанство „Осогово“, со вкупно десет лица. Опожарени се вкупно десет хектари шума.

  • Во пожарот изгореа пет хектари бор, пет хектари букова шума и пет декари ливади и пасишта. На пожарот во село Мала Црцорија упатена  е екипа со тројца пожарникари, како и  едно лице од Подрачна единица на Дирекција за заштита и спасување,  но месното население успеало да го изгаси пожарот пред нивното пристигнување. Опожарени се стрништа, трева и ниско-деградирана шума - вели Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.

Материјалната штета од двата пожари дополнително ќе се утврдува. Ова е трет пожар за само три дена во Кривопаланечко.

  • Од почетокот на месецот интервенирано е на три пожари. Но она што загрижува и покрај апелите од наша страна, е зачестеното палење оган на отворено на многу места.  Кај нас се примаат како дојави за пожар, но по кратко време граѓаните се јавуваат повторно, бидејќи стрништата кои се запалени успеваат сами да ги изгаснат - додава Коцевски.

Повика граѓаните да не ги палат стрништата, бидејќи при слаб ветар огнот почнува неконтролирано да се шири и предизвикува пожари.

Палењето оган на отворен простор е казниво со закон, а глобите  можат да достигнат и до 3.000 евра во денарска противвредност.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија