mksqen

Водостопанство Брегалница побарува 59 милиони денари за воден надоместок

Водостопанство Брегалница побарува 59 милиони денари за воден надоместок

Типографија

Водостопанство „Брегалница“ Кочани со успех ја заврши наводнителната сезона 2016 година, при што беа наводнувани 8.300 хектари во атарите на Виничко, Кочанско, Штипско и Светиниколско.

Директорот на Водостопанство „Брегалница“ - Кочани,  Николчо Гоцев вели дека за таа цел биле потрошени над 85 милиони метри кубни вода од акомулацијата Калиманци преку десниот и лев магистрален канал на хидросистемот Брегалница. Сезоната, посочува тој, е успешно завршена, но останаа долговите на земјоделците за неподмирен воден надоместок, кој во овој момент изнесува 59 милиони денари.

  • Во моментот ги изготвуваме фактурите за настанатиот долг по однос на искористената вода од системот и истите ќе бидат доставени до секој водокорисник кој ќе треба во рок од 15 дена да ги подмири своите обврски кон Водостопанство. Годинава со нивна поддршка и со наша работа успеавме да ги помрднеме работиве од мртва точка и за среќа наша и нивна, работите почнаа да излегуваат на виделина односно многу заборавени работи почнаа да функционираат - вели Гоцев.

Таков пример, појаснува тој, е со ставањето во функција на дел од левиот магистрален канал во општина Зрновци кој годинава откако беше исчистен беше во употреба и земјоделците ја користеа водата за наводнување на полињата кои последниве десетина години беа запустени поради негово нефункционирање.

Тој додава дека нивна заложба е до почетокот на наредната наводнителна сезона левиот магистрален канал од Зрновци, преку Мородвис и Видовиште до Теранци, целосно да биде исчистен и ставен во фукнција. Со тоа, нагласува Гоцев, ќе се зголемат површините за над 600 хектари на кои на најголем дел од нив се планира производство на оризова култура.

Инаку Водостопанство на Македонија подружница Брегалница од Кочани работи и на санирање односно реконструкција на дел од левиот магистрален канал. Тендерската постапка за реконструкција на каналот е завршена и во тек е потпишување на договорите.

Гоцев информираше дека тендерот го има добиено фирмата „Хидроелектроинженеринг“ за изготвување на проектната документација, а за ревизија го има добиено Градежниот институт на Македонија.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија