mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

За МЖСПП приоритет се пречистителните станици

За МЖСПП приоритет се пречистителните станици

Типографија

Управувањето со водите претставува приоритет во повеќе стратешки документи донесени од Владата и од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Водите се значаен ресурс кој мора да биде добро заштитен и уште подобро управуван.

  • Оваа година беше многу значајна за Министерството во заштитата на водите затоа што почнавме со изградба на три пречистителни станици за третман на отпадните води во Кичево, Струмица и Радовиш и два за подобрување на канализациската мрежа во Куманово и Берово. Воедно почнавме и со изработка на техничка документација за изградба на пречистителни станици за Велес, Штип, Гостивар, Дебар и Кавадарци - вели министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети и додава дека документацијата за изградба на пречистителна станица за Скопје  е во завршна фаза.

Тој потенцира дека напорите на Министерството се насочени кон обезбедување средства за изградба на пречистителни станици и подобрување на канализациската мрежа со цел да се обезбеди добра заштита на водните ресурси во Македонија.

  • Доколку не обезбедиме финансиска одржливост и подобрување на услугите на граѓаните, сета инфраструктура во заштитата на водите може да остане само како објект на добри намери. Токму и целта на овие реформи е обезбедување добра заштита на водите во Македонија преку намалување на загубите на вода, воспоставување систем кој ќе овозможи добро управување со инфаструктурата за водоснабдување и собирање и третман на отпадните води и подобрување на услугата на граѓаните преку најекономично достапна цена -  додава Амети.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар вели дека водата е стратешко добро за 21 век и дека Европската унија така и ја третира.

  • Оскудноста на водата може да доведе до конфликти. Во август во Скопје бевме сведоци какви разурнувања и штети може да предизвикаат преголеми колични вода. ЕУ му даде приоритет на прашањето за управувањето со водите, а реформата на секторот на водите треба да биде еден од нашите врвни приоритети - нагласува Жбогар.

Новата улога на Регулаторната комисија за енергетика, според претседателот на комисијата Димитар Петров е со цел да се воспостави ефикасен систем во определување на цените на водните услуги.

  • Со донесувањето на законот за утврдување на цените на водни услуги, Регулаторната комисија за енергетика доби нови надлежности за регулирање на прашањата поврзани со утврдувањето на цените на водните услуги. Регулаторните тела имаат за цел да бидат коректив на делувањето на вршителите на услуги кои се од доменот на  монополи како што е и случајот со водните услуги - информира Петров.
    Комисијата, рече тој, со досегашното искуство во регулирањето на цените за електрична енергија, природниот гас, топлинската енергија и цените на нафтата покажа дека поседува стручен кадар кој може да воспостави ефикасен систем на утврдување на цените на водните услуги кои ги даваат водостопанствата и јавните претпријатија.


BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија