mksqen
09
Пет, Мај
0 Нови / 7 дена

Експертите сериозно загрижени за биодиверзитетот во регионот Охрид-Преспа

Експертите сериозно загрижени за биодиверзитетот во регионот Охрид-Преспа

Типографија

Експерти од Македонија и од странство се загрижени за иднината на единствениот биодиверзитет на охридскиот и преспанскиот регион.

Целта на конференцијата „Скапоценостите на Македонија“  беше да се отвори простор за дискусија помеѓу научната фела и претставници на институциите кои делуваат во овој регион за да се согледаат опасностите и можностите за зачувување на исклучителната природна важност која ја има регионот на Охрид и Преспа.

Професорот Златко Левков од ПМФ пред присутните го презентираше возбудливиот и невидлив свет на Охридското Езеро.

  • Повеќе од еден милион години непрекината еволуција создала микроорганизми и ендемски жив свет за Охридско Езеро кој не постои на ниедно друго место на светот - објаснува Левков.

На неговото излагање преку видео обраќање се надоврза и професорот Томас Вилке од Јустус Либиг Универзитетот во Гисен кој го предводеше истражувањето на староста на Охридско Езеро.

  • Гледајќи дека езерото се движи накај точка од која нема враќање, предлагам итна акција. Најпрвин, треба да се прогласи мораториум за сите градежни активности кои влијаат на езерото или неговите сливови - истакна професорот Вилке.

Претседателот на Европскиот огранок на Здружението на експерти за блатни екосистеми, професорот Јос Верхоевен предупреди на ризиците од градење во Студенчишкото Блато.

  • За ова блато да се зачува недопрено постои многу важен аргумент- тоа е последното и затоа треба да се ревитализираат блатните екосистеми околу езерото и да се вратат во онаа состојба во која биле пред можеби 100 години - рече тој.

Д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот Завод во Охрид зборуваше за опасностите од развојни проекти кои се надвиснати над опстанокот на Охридското Езеро и на планината Галичица.

  • Галичица е планина без снег, а и тоа што паѓа во зима не е со таков квалитет за скијање. Оттука се поставува прашањето, како може да се направи ски-центар на планина без снег – праша Талевски.

Професорот Јане Ацевски од Шумарскиот Факултет во Скопје истакна дека Галичица е една од најбогатите планински системи во Европа. Тој зборуваше дека ни е потребно поефикасно управување со нашите шумски екосистеми каде ќе се нагласи рамнотежата помеѓу потребите на луѓето и зачувувањето на природата.

  • Не може од еден Национален Парк да барате да го штити паркот и шумата и воедно економски да зависи од сеча - рече тој.

Антонио Трикарико од Re: Common, Италија зборуваше за своето долгогодишно искуство од неуспешно спроведени мерки за компензација и неутрализација во заштитени подрачја. Конференцијата заврши со презентација на концептот за Смарт Охрид на професорот Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер за алтернативен превоз во Охрид и поинакво решение од пат низ срцето на Галичица.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Македонија