mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Македонското еколошко друштво дел од Брдлајф Европа 2016

Македонското еколошко друштво дел од Брдлајф Европа 2016

Типографија

Македонското еколошко друштво беше дел од Европските денови за набљудување птици 2016, на кои се следеше есенската миграција на птици, како организатор на еден од илјадата настани кои се организираа низ Европа за набљудување птици.

Според МЕД,  во овој глобален настан што се случи изминатиот викенд учествувале над 24 илјади луѓе од цела Европа организирани од 40 национални партнери на Брдлајф во Европа и Централна Азија, а биле  видени 5,8 милиони птици .

  • Секоја година МЕД го одбележува овој настан за да ја покрене националната свест за птиците преселници. Оваа година настанот се одржа на бреговите на Дојранското Езеро и на него учествуваа претставници на европското семејство на амбасади во Македонија и постојаниот претставник на Обединетите нации -  наведуваат од Друштвото.

Според МЕД, Европскиот ден за набљудување птици беше одлична можност сите учесници да се запознаат со важноста на Дојранско Езеро за миграцијата на птиците како и за неговата важност како значајно растително подрачје и глобално клучно подрачје за биолошката разновидност.
За време на прошетката тимот на МЕД заедно со гостите забележа над 300 птици – од патки, корморани и пеликани до лиски и чапји. Овие податоци беа предадени на обработка на Брдлајф Швајцарија каде сите европски држави ги испратија своите податоци.

Милиони птици сега ја започнуваат миграцијата кон јужните предели на Европа каде ќе ја поминат зимата, а Македонија ќе биде една од дестинациите за птиците од Северна и Западна Европа. Македонското еколошко друштво ги охрабрува сите заинтересирани граѓани да излезат во природа и да уживаат во неверојатните птици преселници кои надминуваат големи закани за да презимат кај нас.


BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија