mksqen

Излезете од канцеларија и почнете бизнис во природа

Излезете од канцеларија и почнете бизнис во природа

Типографија

Младите да се свртат кон природата, можеби таму, во чистата, помалку загадена околина, ќе ја најдат својата перспектива.

Сериозно да размислат за агро и еко потенцијалите што ги нуди Македонија како опција за нивната иднина, наместо да бидат дел од навиката на чекање работа од институциите и пари од родителите, порачуваат активистите на Слоу Фуд млади од Македонија (СФММ) кои учествуваат на годинашниот саем за традиционална храна „Тера Мадре Салоне дел Густо“ во Торино, Италија.

Според нив, СФММ се залага за промовирање и актуелизирање на придобивките од производството на традиционална храна, но и за отворање на сите горливи прашања особено што ги тангираат младите производители, со цел нивно надминување.

  • Во нас е иднината и тоа е голема одговорност. Мора да ги отфрлиме предрасудите дека ако си производител, фармер, земјоделец, пчелар, не си образован, живееш еднолично и заостануваш во се. Треба да бидеме поедуцирани, информирани, и наместо да потценуваме, да знаеме дека секој што се занимава со оваа професија придонесува многу, за луѓето, животните, опкружувањето, се грижи за биодиверзитетот, ги чува традицијата и културното наследство - вели Билјана Митреска од СФММ.

Некои млади од Македонија веќе го направиле овој храбар чекор. Ристо Чекоров од Кавадарци е биотехнолог, кој засега од хоби произведува ракија, но планира да почне производство на вино од јаболка. Потоа, Никола Цицковски и Горан Здравески, информатичари од битолското село Буково, ја продолжуваат традицијата на произведување буковска пиперка и за ништо, велат, не би се откажале од ова што моментно го работат. Слично размислуваат и браќата Фарук и Фуркан Ризванче од Гостивар кои веќе го заменуваат својот татко во производството на бело овчо сирење.

На „Тера Мадре“ во Торино, преку низа работилници и конференции, мрежата на Слоу Фуд млади од целиот свет уште еднаш ја испрати пораката дека токму локалните, мали производители се чувари на Земјата, на нејзиното природно богатство, на биодиверзитетот и ресурсите. Меѓу главните теми на дискусиите е и поврзувањето на урбаните и руралните средини - дали, колку и зошто е тоа потребно.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија