mksqen
18
Чет, Апр
0 Нови / 7 дена

Празниците го исчистиле воздухот во Тирана

Празниците го исчистиле воздухот во Тирана

Типографија

Градските власти на Тирана и Националната агенција за животна средина на Албанија ги објавиле податоците за загадувањето на воздухот во албанскиот главен град.

Според нив, намалениот интензитет на сообраќајот за време на новогодишните и на божиќните празници придонел за количеството на ПМ10 честички да се намали од 90 на 30 микрограми на кубен метар. Како што наведуваат надлежните, станува збор за честички што предизвикуваат сериозни оштетувања на белите дробови.

Во нормалните денови од годината вредностите на ПМ10 во Тирана се искачувале до 90 микрограми, но во раните денови од јануари поради празниците и поради студот луѓето не ги користеле своите автомобили многу па нивото на загаденост се намалило за 15 отсто во споредба со претходната година.

Сепак, се додава дека во Тирана се уште има голем ризик од појава на високи нивоа на загаденост на воздухот затоа што недостасува модерен и еколошки јавен превоз што ќе користи електрична енергија. Единствениот избор на граѓаните за патување низ градот се автобусите и автомобилите. Градоначалникот Ерион Велиај повеќе пати апелирал до граѓаните да ја ограничат употребата на своите возила, и ветил изградба на десет километри велосипедски патеки, со цел дополнително да се намали загаденоста на градот.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Балкан