Во Тетово со поддршка на Европската унија ќе се реализира проект за прочистување на отпадните води што ќе биде финансиран од ИПА програмата.
При посетата, Амбасадорот на Европската Унија во Македонија Семуел Жбогар и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, на градоначалничката Теута Арифи и доделија сертификат за големата соработка и со неа како градоначалничка и со општина Тетово што ја има ЕУ во изминатите години.
- Задоволство ми е што градоначалничката Арифи го посочи проектот за изградба на пречистителна станица за отпадните води како едно од најголемите достигнувања што ќе почнат да се спроведуваат во следниот период. Нема подобра можност за мене како дипломат да ја започнам својата активност со кампањата Европската унија и токму затоа јас одам низ општините во целата држава за да добијам подобра перспектива за она што се најважни прашања за граѓаните - рече Жбогар.
Словенечкиот амбасадор Јазбец посочи дека во однос на соработката со општина Тетово тие имаат два проекти од кои еден со директно влијание во општината и другиот со индиректно.
Првиот проект е инвестиција за улично осветлување во општина Тетово, како конкретна помош, а во вториот случај тоа е меѓудржавна соработка на Словенија и на Македонија за поголемо учество на жените во дипломатијата и во македонското Министерство за надворешни работи за нивен поголем придонес во општеството што се поклопува и со аспирациите на градоначалничката Арифи.