mksqen

Светот може да загуби две третини од животните до 2020 година

Светот може да загуби две третини од животните до 2020 година

Типографија

Бројот на диви животни на Земјата може да се намали за две третини во 2020 година во споредба со 1970 гдина, покажува новиот извештај во врска со големото изумирање на рбетниците.

Со ова, се вели во извештајот, се уништува природниот свет од кој човештвото зависи. Анализата веќе покажала дека меѓу 1970 и 2012 година популацијата на диви животни се намалила за 58 отсто, а до 2020 година загубата може да достигне 67 отсто. Автори на истражувањето се Светскиот фонд за дивиот свет (WWF) и Зоолошкото друштво од Лондон. Како главни причинители за големите загуби се посочуваат уништувањето на природните живеалишта, ловот и загадувањето на околината.

Намалувањето на популациите се забележува кај сите видови животни, од оние за кои е познато дека се загрозени, како слоновите и горилите, па се до помалку познати мршојадци и водоземци. Според истражувачите, уништувањето на живиот свет, како и климатските промени, се најсилниот белег на т.н. антропоцен, како што неформално се нарекува геолошката ера во која најсилното влијание врз Земјата е од човекот.

  • Ние веќе не сме мал свет на голема планета. Ние сме голем свет на мала планета, каде што ја достигнавме точката на заситеност - вели професорот Јохан Рокстрорм во предговорот на извештајот.

Генералниот директор на WWF Марко Ламбертини додава дека богатството и разноликоста на животот на Земјата е темелот на сложениот систем што ја одржува планетата во живот.

  • Животот го поддржува животот и ние сме дел од таа равенка. Ако го загубиме биодиверзитетот, и природниот свет што го одржува нашиот живот ќе се уништи - истакнува Ламбертини.

Тој посочува дека човештвото е се уште целосно зависно од природата во обезбедувањето чист воздух, вода, храна и материјали, но и на инспирација и на среќа.

Со истражувањето се следени 14.000 популации на 3.700 видови рбетници за кои се достапни добри податоци. Во извештајот се вели дека најголемата причина за загубата на дивиот свет е човековото влијание, бидејќи од целата копнена површина на Земјата, само 15 отсто е заштитена за дивиот свет, а другата е на располагање и се користи за човековите потреби.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет