mksqen

Електронското следење на дрвната маса ќе ги елиминира кражбите и злоупотребите

Електронското следење на дрвната маса ќе ги елиминира кражбите и злоупотребите

Типографија

ЈП „Македонски шуми“ почна со електронско следење на дрвната маса, од шума (сеча) до краен потрошувач. На тој начин го има заменето досегашното рачно работење со најсовремен софтвер.

Инвестицијата вредна 32,5 милиони евра, во целост ја има покриено претпријатието „Македонски шуми“ од сопствени средства. Набавени се 300 мобилни персонални компјутери и уште толку печатачи за 180 шумско-стопански единици (ШСЕ) и 30 подружници, а 480 вработени минале неколкумесечна обука за употреба на софтверот.

Според директорот Жарко Караџоски, веќе нема да има кражби, злоупотреби и други девијантни дејства. Електронскиот систем ќе стави ред во работењето, а од неговата примена најголема придобивка ќе имаат граѓаните зашто испораката на дрвната маса ќе биде побрза, навремена и квалитетна.

  • Ова е револуција во работењето на „Македонски шуми“. Досегашното рачно правење испратници, фактури, евидентирање, книжење што беше голем проблем, е заменето со најсовремено софтверско и хардверско решение. Контролите сега ќе бидат многу лесни зашто буквално се ќе се следи. Нема да има простор за какви било злоупотреби, фактури и испратници ќе се издаваат на самото место. Ако некој не платил или има долг кон „Македонски шуми“, не ќе може да реализира набавка - вели Караџоски.

Дневно и континуирано следење на целокупното производство, добивање навремени и точни информации за извршената сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти директно од ШСЕ, како и можност за навремено реагирање и менаџирање со производството од страна на одговорните лица, се само некои од придобивките на софтверското работење.

  • Многу е битно што ќе се елиминираат досегашните проблеми со наплатата, како и евентуалните манипулации на теренските работници. Прецизно ќе се знае дали се присутни и колку се ажурни во извршувањето на своите задачи - додава директорот.

„Македонски шуми“ го воведе  електронското следење на дрвната маса  од почетокот на 2017 година. До донесување на потребните правилници, фактури ќе се издаваат и рачно и електронски. Податоците кои ќе се внесуваат во софтверот, ќе бидат достапни не само за Дирекцијата на претпријатието и неговите подружници, туку и за надлежните институции како Инспекторатот и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанството.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија