mksqen

Битолската Зоолошка градина дополнително ги загрева кафезите на животните

Битолската Зоолошка градина дополнително ги загрева кафезите на животните

Типографија

Јавната општинска установа „Зоолошка Градина“ од Битола врши дополнително греење за кафезите, животинскиот свет е згрижен и не се изложува на ниските температури.

Според директорот Ѓоко Дамевски, благодарение на навремено извршените подготовки за работа на ЈОУ „Зоолошка Градина“ во зимски услови и обезбедените резерви храна, не е забележан ниту еден проблем кај животинскиот свет.

  • Во Зоолошката градина имаме 254 животни единки од 67 животински видови кои се сместени во 35 објекти. Во овој момент сите животни се здрави, згрижени со обезбедена храна и греење. Посебно топловодно греење е инсталирано за најновиот жител во Градината, нилскиот коњ Берта, кој е сместен во целосно автоматизирано живеалиште кое има сонди во водата, сензори во воздухот и дополнително подно греење, а се греат кафезите на мајмуните и на други животни кои се чувствителни на ниски температури - истакнува Дамевски.

Од Зоолошката градина информираат дека во пресрет на студениот и снежен бран обезбедиле три тони месо и луцерка, резервна храна за до крајот на идниот месец.

  • Единствен проблем е свежата вода, бидејќи таа кај отворените живеалишта брзо мрзне, но затоа пак нашите екипи постојано ја менуваат со цел да нема ни такви проблеми. Паралелно со грижата за животинскиот свет размислуваме и за обезбедување нови животни кои најчесто ги добиваме од нашите потврдени поддржувачи, зоолошките градини во Скопје и Белград. Како што е познато лани од Белград добивме питон, боа, меркати, непалски рисови и лебеди, а од Скопје го добивме атрактивниот нилски коњ Берта и други животни за кои секојдневно професионално се грижиме - потврдува Дамевски.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија