mksqen

Во Кочани во 2017 година ќе се наводнува површина од 10 илјади хектари

Во Кочани во 2017 година ќе се наводнува површина од 10 илјади хектари

Типографија

Во наредната 2017 година ќе се наводнува површина од 10.100 хектари. Носечка култура во кочанскиот регион ќе остане оризот со 5.100 хектари, во штипскиот и светиниколскиот регион луцерката со 2.100 хектари, пченката со 1.200 хектари, а останатото се други култури, раноградинарски, лозја и овоштарнци.

Ова е планот за наводнување што водостопанство  „Брегалница“ Кочани го изнесе за престојната сезона за наводнување за целиот хидросистем, со цел земјоделците да можат да се информираат кои полиња и во кои атари идната година ќе се наводнуваат.

Директорот на водостопанство „Брегалница“ од Кочани Николчо Гоцев, рече дека годишниот план е изработен врз основа на барањата на земјоделските производители од подрачјата кои ги опфаќа Хидросистемот Брегалница.

  • Преку месните заедници ги добивме  предлозите за количините на вода и забелешките кои ниви ќе се наводнуваат и истите ги вградивме во планот за наводнување за наредната година - вели Гоцев.

Тој посочува дека на земјоделците им е даден рок од една недела за да можат да извршат увид во предлог планот и да даат забелешки со цел задоволување на барањата на земјоделците за користење на вода од системот.

Акумулацијата „Калиманци“ засега располага со 42 милиони метри кубни вода, а за целосно реализирање на наводнителниот план за идната година ке бидат потребни 110 милиони метри кубни вода, кои впрочем се очекува да бидат акумулирани во текот на наредните пет месеци.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија