mksqen

Иванов: Македонија е посветена на исполнување на Парискиот договор за климата

Иванов: Македонија е посветена на исполнување на Парискиот договор за климата

Типографија

Македонија е целосно посветена успешно да го спроведе Парискиот договор за справување со климатските промени, но за таа цел ни е потребен пристап до меѓународните финансиски фондови.

Ова го порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во неговото обраќање на Самитот за климатски промени – КОП 22, што се одржува во Маракеш, Кралство Мароко.

Иванов додава дека Македонија како земја потписник е посветена на принципите и целите на Парискиот договор за климатски промени, а воедно својата посветеност ја покажа и како 23-та земја во светот која го утврди сопствениот национален придонес за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

  • Иако е земја во развој во рамките на Обединетите нации, Македонија во исполнување на своите обврски оди чекор понатаму, особено во делот на известувањето, со кое се приближува кон обврските кои ги имаат развиените држави, вклучително и Европската Унија. Но, товарот е голем, а нашите ресурси се ограничени. Македонија заслужува фер и рамноправен третман. За успешно да го спроведеме договорот од Париз, потребен ни е пристап кон меѓународни финансиски механизми за климатските промени, како Зелениот климатски фонд и трансфер на технологии -  вели Иванов.

Тој укажа на потребата од долгорочни и темелни промени во начинот на производство и потрошувачка, со цел справување со климатските промени.

  • Тука сме во Маракеш да го продолжиме она што го започнавме во Париз бидејќи веруваме дека Парискиот договор е мапата што ќе нè врати на вистинскиот пат. Но, за да се ориентираме, мора одново да го земеме компасот в раце. Потребни се долгорочни, темелни промени во начинот на производство и потрошувачка. Тргувајќи со јаглеродните емисии без да ги промениме животните навики нема да биде профитабилно ниту за оваа, а ниту за идните генерации. Мора да го редефинираме и концептот на развојот кој треба да биде во согласност со природата, а не на сметка на природата - додава Иванов.

Нагласи дека иако можеби не може да де постигне сè, не смее да не се направи ништо.

  • Климатските промени се глобален феномен што има потреба од глобален одговор на глобалната заедница што верува во оваа мисија. Само така ќе им овозможиме на идните генерации да живеат со помалку страдање и со поголемо достоинство - вели Иванов.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија