Наскоро треба да почне рехабилитација на левиот магистрален канал од хидросистемот „Брегалница“, за што Акционерското друштво Водостопанство на Македонија инвестираше 500 илјади денари за изработка на проектот за рехабилитација.
- Со изработката на самиот проект добивме соодветен технички документ со кој ќе ги подобриме условите за функцинирање на каналот, како и намалување на загубите на вода и задоволување на потребите на крајните корисници. Ова е планирана реконструкција на каналот и неговите оштетувања на делницата од село Зрновци до село Бурилчево во должина од 20 километри - вели Николчо Гоцев, директор на Водостопанство „Брегалница“ од Кочани.
Овој проект, истакнува Гоцев, е финансиран од ИПАРД програмата, преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руалниот развој. Тој очекува наскоро да почне и рехабилитација на овој дел од системот.
Според него левиот магистрален канал, делницата до Зрновци функцинирал и оваа наводнителна сезона, благодарение на ангажираноста на Водостопанство Кочани и општина Зрновци, со навременото чистење на каналите од наноси од земја и дрва.