Кампања против загадувањето со пластика во водните басени во Бугарија почнаа екоактивистите по повод Светскиот ден на водата.
Организатори се еколошките организации „Гринпис“ и „За Земјата“, а мотото на иницијативата е „Морето не е за еден одмор“.
Кампањата се спроведува трета година по ред и е дел од светска акција за намалување на пластиката во океаните, покрената од меѓународните организации „Гринпис“, „Пријатели на Земјата“ и „Европска мрежа за нулта отпад“.
Основната цел на екоактивистите е да го насочат вниманието на јавноста кон значењето на водата за пиење и заштита на водните ресурси. Тоа според нив може да доведе до поодговорен однос кон отпадот што ќе ја подобри состојбата на водните басени и квалитетот на животот на луѓето.
- Прекумерната употреба на еднократни пластични производи во последните децении доведе до загадување на водоводите, морињата и океаните низ целиот свет со „пластичен смог“ - нагласуваат активистите. Тие потсетуваат дека пластичните честички од водните басени влегуваат во синџирот на исхрана на морските животни и се закана не само за нив, туку и за здравјето на луѓето, кои потоа ги консумираат.
Чистењето на загадените плажи, речните корита и брани само привремено го намалува проблемот. Трајно решение треба да се бара во отстранувањето на причините.
Најголемите „виновници“ за пластичното загадување се чаши и шишиња, како и кеси, вилушки, чинии, пакување и други производи за еднократна употреба кои треба да ги избегнуваме во своето секојдневие.
Кампањата „Морето не е за еден одмор“ е поддржана и од Европската мрежа за нулта отпад (Zero Waste Europe) - движење за целосно намалување на отпадот, во кое членува и бугарската екоорганизација „За Земјата“.