mksqen
16
Вто, Апр
0 Нови / 7 дена

САД се повлекуваат од спогодбата за климатски промени

САД се повлекуваат од спогодбата за климатски промени

Типографија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се повлекуваат од Париската спогодба за борба против климатските промени.

Трамп нагласи дека САД ја прекинуваат примената на сите незадолжителни елементи од Париската спогодба.

  • Се повлекуваме. Со цел да ја исполнам возвишената должност за заштита на Америка и нејзините граѓани, САД ќе се повлечат од Париската спогодба за борба против климатските промени - изјави Трамп.

Тој изјави дека САД ќе почнат нови преговори за враќање во Париската спогодба или „во некоја целосно нова трансакција за условите, кои се фер кон САД, нивниот бизнис, нивните работници, нивниот народ, нивните даночни обврзници“.

  • Ако можеме да обезбедиме фер договор, во ред, а ако не можеме, повторно во ред - изјави американскиот претседател.

Трамп истакна дека актуелната Париска спогодба ги става САД во „нерамноправна положба“ и дека поради неа се губат бизниси и се намалуваат платите.

  • Оваа спогодба е помалку врзана за климата, а повеќе за тоа другите земји со неа да обезбедуваат финансиска предност во однос на САД. Тоа нема да се случува додека јас сум претседател - рече Трамп.

Тој посочи дека се обидува да воспостави највисоки стандарди на живеење, највисоки стандарди за заштита на животната средина.

САД за време на владееењето на поранешниот претседател Барак Обама се согласија за намалување на емисијата на јаглероден диоксид и другите штетни гасови од 28 отсто од 2005 година на 26 отсто во 2025 година, што изнесува околу 1,6 милијарди тони.

Против ваквата одлука на Трамп реагираа останатите земји потписнички на договорот.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нејзината земјата ќе биде посветена на Договорот за климата од Париз.

Меркел пред германскиот Парламент посочи дека е невозможно да се напушти патот по кој светот тргна во 1997 година по Договорот за климата од Кјото и продолжи во 2015 година со историскиот Договор од Париз.

Кина вети дека ќе го почитува договорот за борба против климатските промени од Париз, од кои САД се повлекоа, нагласувајќи дека тоа е „одговорност, која би требало да ја сноси Кина, како голема и одговорна“.

Пекинг смета дека повлекувањето на САД од договорот е глобален чекор наназад, но Кина, Индија и Европската унија се подготвени да ги зајакнат своите придонеси, за да го исполнат договорот, јавија денеска кинеските медиуми.

Европската комисија вети дека ќе го продолжи „глобалното лидерство во борбата против климатските промени“, откако САД објавија дека ја напуштаат Париската спогодба за намалување на емисијата на штетни гасови, кои го предизвикуваат ефектот стаклена градина.

  • Париската спогодба ќе опстане. Светот може да продолжи да смета на Европа кога е во прашање глобалното лидерство во борбата против климатските промени. ЕУ длабоко жали поради едностраната одлука на администрацијата на Трамп - се наведува во соопштението на еврокомесарот за климата и енергетиката, Мигер Аријас Канете.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик соопшти дека одлуката на САД да се повлечат од Париската спогодба претставува „големо разочарување за глобалните напори за намалување на емисијата на штетни гасови и за промовирање на глобалната безбедност“.

Тој нагласи дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш „останува убеден дека градовите, државите и компаниите во САД, заедно со другите земји ќе продолжат ја искажуваат визијата и лидерството, работејќи на флексибилен стопански раст со мала емисија на јаглероден диоксид, кои ќе создадат квалитетни работни места и пазар за просперитет на 21. век“.

Светските лидери веднаш реагираа на одлуката на Доналд Трамп за повлекување на САД од Париската спогодба за борба против климатските промени.

Согласно меѓународната спогодба, во која учествуваат 195 држави САД требаше до 2025 година да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид од 26 на 28 отсто во однос на нивото од 2005 година и да го зголемат финансирањето на фондот „Зелена клима“ за помош на земјите во развој во нивната борба против климатските промени.

САД се вториот загадувач во светот по Кина и произведуваат 15 отсто од емисијата на штетни гасови во светот.

И покрај тоа што изразија жалење поради повлекувањето на САД од спогодбата, Италија, Франција и Германија одговорија решително дека таа не подлежи на промени.

  • Сметаме дека она што беше договорено во Париз во 2015 година е неповратно и оти Париската спогодба не може да биде предмет на нови договарања, бидејќи е суштински инструмент за нашата планета, нашите општества и економиите, изјавија во заедничко соопштение лидерите на трите земји.

Фронт против одлуката на Трамп формираа гувернерите демократи од сојузните држави Њујорк, Калифорнија и Вашингтон, а градоначалникот на Питсбург Бил Педуто напиша на Твитер дека неговиот град ќе ги почитува раководните принципи на Париската спогодба за климата „за доброто на нашиот народ, нашата економија и нашата иднина“.

Трите држави, кои претставуваат околу една петина од американското население и над една петина од БДП на САД се „одлучни да ја постигнат целта за намалување на 26 од 28 отсто на емисијата на штетни гасови“, во однос на нивото од 2005 година, се вели во соопштението на гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо.

Париската спогодба за климата не може да се исполни без САД, изјави помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Андреј Белоусов.

  • Сосема е очигледно дека без учество на САД Париската спогодба ќе биде неефикасна со оглед на тоа што САД се меѓу најголемите емитувачи на штетни гасови, кои го предизвикуваат ефектот стаклена градина - рече тој.  

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет