Катастрофално невреме во Скопје, 21 загинат

Катастрофално невреме во Скопје, 21 загинат

Типографија

Дваесет и едно лице е последниот биланс на загинати во вчерашните поплави во скопскиот регион. Загинатите се од Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Црешево. Околу илјада се извлечени од поплавените места.

Министерството за внатрешни работи попладнево информира дека до 15 часот, по извршениот претрес на теренот во согласност со насоките од дежурен јавен обвинител за подрачјето на Град Скопје, екипа во состав од ЕУМНА, крим полиција-насилен криминал, униформирани полициски службеници од надлежната полициска станица и тим од погребално Бутел, пронајдени се 21 починатo лицe, од кои идентификувани се 20 лица и телата на починатите се предадени на семејствата, а за 1 лице се уште трае утврдувањето на идентитетот.

Во соопштението се наведува дека до 6 часот пријавени се 22 повредени лица од кои во ГОБ 8 Септември пет, во ГОБ Св. Наум Охридски 12 лица и во Ургентниот центар при клиники Мајка Тереза –пет лица. Дополнително од 7 до 11 часот утрово се пријавени уште 56 повредени лица на третман во здравствени установи, од кои девет се задржани, а останатите се пуштени на домашно лекување.

Од МВР наведуваат дека се преземаат мерки поради настанатата елементарна непогода, и притоа дадени се конкретни задачи на сите вклучени државни органи во делот на претрес на терен, со цел пронаоѓање евентуално други настрадани лица, потоа настанати штети, како и воспоставување на елементарни услови за живеење.

Поради настанатите свлечишта, кај клучката Стајковци према клучката Радишани, по излегување на местото на настанот полицијата констатирала дека се заглавени околу 70 возила. Свлечиште било пријавено и на обиколницата на потегот Ѓорче Петров према Стенковец. Како што соопшти МВР, исто така, во временскиот период од 19.30 часот до 4.30 часот, поради настанати поплави во градското подрачје, блокирани за сообраќај беа булеварите Киро Глигоров, Гоце Делчев, Србија, како и улиците Александар Урдаревски, Бихаќка, и клучката кај Континентал.

Во справувањето со несреќата се ангажрирани сите државни служби, армијата, полицијата, екипите на итната помош, комуналните претпријатија и други. Прогласена е кризна состојба во наредните 15 дена.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS