Прочистувач на воздухот City tree поставен во центарот на Скопје

Прочистувач на воздухот City tree поставен во центарот на Скопје

Типографија

Инсталација „City tree“, зелен билборд, чија цел е прочистување на воздухот, е промовирана во центарот на Скопје.

Станува збор за растителен филтер кој го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво, може да се адаптира на секоја средина и има ефект како 275 дрвја, но не ги заменува.

Проектот за клима и заштита на климатските промени „City tree“  во Скопје го промовираа НВО Екосвест и Германската амбасада. Ваква инсталација вчера беше промовирана и во Тетово.

Ана Чоловиќ Лешовска од НВО Екосвест истакна дека инсталацијата е направена од голем број индивидуални саксии во кои се поставени два вида растенија под кои има мов, а кои собираат ситна прашина, ПМ честички со големина од 10 и 2,5 микрометри, тешки метали, сулфурни и азотни оксиди, јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, озон.

Таа ги повика граѓаните да не ги уништуваат растенијата затоа што, како што рече, тие си се потребни едни на други и да се сочува инсталацијата.

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер рече дека добар воздух, добра вода и неуништена животна средина се добра кои се поеднакво важни како во Осло каде е поставена ваква инсталација, така и во Скопје, Тетово и Битола.

  • Со средства од климатскиот фонд германското МНР во 2016 година поддржа два проекта во Македонија, а еден од нив е  „City tree“. За 2017 година се предвидени нови проекти - додаде  Алтхаузер.

Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски се заблагодари за донацијата и рече дека овој иновативен проект го вбројува градот Скопје во редот на метрополите каде веќе е применет овој концепт.

  • Градот Скопје е секогаш отворен за вакви иновативни проекти кои тангираат повеќе различни области, а посебно оние кои се однедуваат на животната средина. Се надевам овој билборд нема да биде последен и примерот на компаниите кои го поддржаа ќе го следат и други компании. Градот Скопје е секогаш отворен за да им излеземе во пресрет и да поставиме што повеќе вакви билборди за кои сите сме свесни колку ни требаат - истакна  Тодоровски.

Тој изрази надеж дека главното влијание на билбордот ќе биде подигнување на свеста на граѓаните од аспект на тоа колку е важна животната средина, од аспект на големата опасност која доаѓа од климатските промени и како секој може да се вклучи во надминувањето на тие проблеми и да се создаде подобра животна средина.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS