Синхронизирано и системско решавање на проблемот со аерозагадувањето во Скопје

Синхронизирано и системско решавање на проблемот со аерозагадувањето во Скопје

Типографија

Краткорочните мерки можат само да го ублажат проблемот со аерозагадувањето во Скопје, но за решавање на проблемот се потребни долгорочни мерки, порачаа на првата научна конференција за аерозагадувањето во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ Скопје.

Извршната директорка на „Еко-свест“ Ана Чоловиќ Лешоска, на отворањето на конференцијата, рече дека свесноста за аерозагадувањето во изминатиот период значително е зголемена.

  • Ние како организација неколку години по ред работиме на предложување на краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за системско решавање на проблемот со аерозагадувањето. Мора да бидеме свесни дека нема магично стапче и нема одеднаш да се реши проблемот со загадувањето со имплементација на една мерка или со заложбата на една институција или само од граѓаните. Факт е дека сите тие како елементи во општеството треба да функционираат заедно - вели Лешоска.

Посочи дека треба да бидеме реални дека состојбата не може видно да се промени и смени за краток рок, но очекуваме од конференцијата да произлезат конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.

Според Трајче Стафилов од Природно-математички факултет, најголеми извори на загадување со тешки метали во Македонија се индустриските и урбаните активности, но кога зборуваме за загадувањето на воздухот најголеми извори претставуваат согорувањето на фосилни гориво, било да се контролирани или неконтролирани во домаќинства или депонии.

  • Излезните решенија не можат да бидат донесени во краток рок и тие треба да се долгорочни. Краткорочните мерки можат за малку да ја ублажат состојбата, но за решавање на проблемот со аерозагадувањето во Скопје треба долгорочни мерки, поврзани со политички решенија и големи финансиски средства. Состојбата со аерозагадувањето во Скопје е дополнително актуелна заради климатските состојби во зима и големиот удел на греењето со фосилни горива, но загадувањето со опасни хемиски супстанци во Македонија е присутно преку целата година - вели Стафилов.

Како голем проблем тој го посочи и постоењето на историски депонии на напуштени објекти и процеси кои повеќе не се во функција, како рудници, отворени флотации, топилници и отворени депонии со токсични метали, додека опасноста од присуството на цврсти честички не е самото нивно присуство и внесување, туку тоа што во воздухот има многу токсични супстанци што ги внесуваме во организмот.

  • Цврстите честички што се добиваат од согорувањето на фосилни горива практично претставуваат активен јаглен. Тоа се јаглеродни честички што се извонредни апсорбенси на секакви супстанци и ги задржуваат сите токсични супстанци во гасна или цврста состојба внатре во себе. Кога ние ги внесуваме тие честички ги внесуваме во желудникот или белите дробови од каде се екстрахираат во крвта и се пренесуваат во органите каде имаат токсично дејство - рече Стафилов.

Драган Ѓорѓев од Институт за јавно здравје, рече дека сега се наоѓаме во акутна фаза на аерозагадување со енормни концентрации и последиците се акутни и хронични.

  • Акутните се посебно искомбинирани со вирусите, меѓутоа во овие услови се зголемува и смртноста кај хронично болните со кардио-васкуларни и малигни заболувања. Имаме пикови на зголемена смртност во периоди на виоско аерозагадување и ниски температури. Аерозагадувањето учествува со околу 20 до 25 проценти како причина за срцеви и мозочни удари. Тој тренд ќе продолжи ако не почнеме синхронизирано да дејствуваме во сите три сектори, во политиката на централно и локално ниво и врз однесувањето на граѓаните - рече Ѓорѓев.

Посочи дека според истражувањата речиси нема безбедна зона во Скопје, со мала разлика на приградските населби, во текот на зимската сезона и ако не делуваме синхронизирано ќе имаме состојба како во изминатите десетина години или тренд на зголемување.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS