mksqen
27
Сре, Окт
0 Нови / 7 дена

Петти конгрес на еколозите на Македонија

Петти конгрес на еколозите на Македонија

Типографија

Од утре до сабота (22 октомври) во Охрид ќе се одржи петтиот конгрес на еколозите на Македонија, во организација на Македонското еколошко друштво.

На конгресот МЕД ќе ги обедини еколозите од различни струки од Македонија со цел промовирање на екологијата како наука, унапредување на еколошката едукација и заштита на животната средина и природата.

  • Се надевам дека 5-от конгрес ќе биде платформа за презентирање на последните научни истражувања од областа на екологијата во Балканот и Југо-Источна Европа. Примивме околу 275 апстракти за трудови кои ќе се презентираат на овој научен собир. Од нив околу една третина се трудови од македонски научници, а останатите се од наши колеги од Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Турција и Романија - вели Славчо Христовски, претседател на Македонско еколошко друштво.

Одржувањето на овој конгрес е од големо значење за еколозите од Македонија со оглед на тоа што ова е единствен научен собир од ваков тип кај нас. На конгресот ќе земат учество повеќе од 280 научни работници од земјава и од странство со свои научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Работата на Конгресот ќе се одвива во повеќе секции кои се однесуваат на проучување на популации и екосистеми, хидробиологија, биодиверзитет, шумарство и земјоделство, управување со природни ресурси, загадување и заштита на животната средина, урбана екологија и еколошка едукација.

На Конгресот учествуваат сите активни субјекти кои работат на полето на екологијата и заштитата на животната средина и природата во Македонија.

Конгресот на еколози во Македонија се одржува еднаш во четири години, а првиот Конгрес беше одржан  во 1997 година.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија