mksqen
18
Чет, Апр
0 Нови / 7 дена

Заштитата на домородците поважна од мега-браната во Бразил

Заштитата на домородците поважна од мега-браната во Бразил

Типографија

Бразилското регулаторно тело за животна средина Ибама одлучило да не издаде еколошка дозвола за изградба на хидроенергетска брана на реката Тапажос, притока на Амазон. Станува збор за проект против кој силно реагираа домородците, како и организациите за заштита на околината.

Според образложението на Ибама, не биле навреме приложени информации за еколошката и за социјалната одржливост на проектот. Инаку процесот за добивање еколошка дозвола почнал уште во 2009 година, но прво бил суспендиран во април откако против него реагираше бразилското тело за домородни работи, Фунаи, а сега е донесена одлука да не се издаде одобрението.

Станува збор за проект со вредност од околу девет милијарди евра. Со инсталиран капацитет од 6,1 гигавати, браната, чиј иницијатор беше државната компанија Елетробрас и други компании од електроенергетскиот сектор, ќе беше една од најголемите во Бразил. Но акумулацијата ќе поплавеше 376 квадратни километри амазонска прашума, која е дом на околу 12 илјади Мундуруку Индијанци, соопшти Гринпис.

Иницијаторите може повторно да бараат дозвола, но тоа не се очекува бидејќи студиите што треба одново да се изработат се скапи, а земјата е во економска криза. Дури три четвртини од електричната енергија во Бразил се добива од хидроцентрали, но често се случува домородните населенија да ја спречуваат изградбата на нови акумулации.

Според министерот за животна средина Жозе Сарни Фиљо, браната на реката Тапажос не била неопходна и енергијата планирана од неа можела да се добие од други, помали извори. Заменик-министерот за енергија Пауло Педроса, пак, рекол дека браната била конкурентен проект и дека конечната одлука за неа ќе ја донесе привремениот претседател Мишел Темер.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет