mksqen
04
Саб, Дек
0 Нови / 7 дена

Дрвјата собираат помалку јаглерод-диоксид отколку што се мислело

Дрвјата собираат помалку јаглерод-диоксид отколку што се мислело

Типографија

Истражувачите на Универзитетот на Западен Сиднеј во Австралија утврдиле дека вообичаените дрвја на австралискиот континент не апсорбираат онолку јаглерод-диоксид колку што се мислело порано. Ова откритие може да има сериозни импликации врз тоа како човештвото ќе се справи со климатските промени.

Со студијата се утврдило дека на шумите со еукалиптус во Австралија им требаат повеќе хранливи состојки во почвата за да можат да собираат повеќе јаглерод-диоксид од атмосферата.

Научниците експериментирале со дрвја еукалиптус засадени на имот на универзитетот, кои ги изложувале на повисоки нивоа на јаглерод диоксид. Утврдиле дека иако тоа ја зголемило фотосинтезата, сепак не довело до поголем раст на стеблата и на листовите на дрвјата. Овие резултати биле спротивни со тие од слични истражувања спроведени во Европа и во САД. Кај шумите од умерените географски подрачја поголемата изложеност на јаглерод диоксид обично резултирала со поголем раст на дрвјата и тоа за околу 23 проценти. Овие резултати може да бидат многу значајни во врска со изнаоѓањето модели за справување со климатските промени.

  • Во светот се прават голем број модели за решавање на проблемот со климатските промени и тие вклучуваат пресметки за количеството јаглерод диоксид што може да го апсорбираат дрвјата. Овие извештаи се базираат на податоци од истражувања врз дрвја од умерените географски области, каде што почвата има доволно хранливи состојки, па зголеменото количество јаглерод може да доведе до поголем раст - вели Дејвид Елсворт од истражувачкиот тим.

Тој додава дека според нивните сознанија, процените за тоа колку јаглерод-диоксид може да соберат шумите во светот, можеби се повисоки од реалните, бидејќи голем дел од тропските и суптропските шуми се наоѓаат на почви што се сиромашни со хранливи материи.

  • Австралиската почва е многу стара и со милиони години била изложена на сонце и на дожд. Тоа предизвикало во неа да има малку хранливи материи и тие главно да се наоѓаат во дрвјата, во листовите и во корењата. Ова значи дека нашите почви едноставно немаат доволно храна за да им овозможат на дрвјата да го искористат вишокот јаглерод диоксид за да пораснат поголеми - објаснил Елсворт.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Свет