Нови 2.252 договори за користење парно

Нови 2.252 договори за користење парно

Типографија

Вкупно 2.252 нови договори за користење парно греење во Скопје се склучени од почетокот на 2016 година до сега. Речиси половината, пак, од нив се со потрошувачи кои во минатото се исклучиле од системот, соопшти компанијата „Снабдување со топлина – Балкан енерџи“.

Според БЕГ, за зголемениот интерес на потрошувачите за приклучување кон централниот систем за греење во Скопје постојат повеќе причини, но една од главните е цената на услугата, која во изминатите неколку години постојано се намалува, наспроти цените на останатите енергенси кои се користат за греење, а кои одат во нагорна линија. Дополнителен фактор е и можноста за бесплатно вклучување во системот за сите потрошувачи кај кои постојат технички услови за тоа.

  • Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, актуелната цена на парното греење за домаќинствата е намалена за речиси 11 отсто во однос на цената во претходната грејна сезона, а намалување на цената имаше и за останатите категории потрошувачи - наведува БЕГ.

Трендот на пораст на склучени договори, како што се додава во соопштението, покажува дека кај жителите на Скопје расте свесноста за бројните предности и комфорот што го нуди централниот системот за парно греење.

  • Освен поголемиот комфор, голема предност на централниот систем за парно греење е неговата економичност, како и фактот дека значително придонесува за намалување на аерозагадувањето во главниот град, што е на линија на растечката еколошка свесност на жителите на Скопје - информираат од БЕГ-Снабдување.

Според најновата студија на Машинскиот факултет и МАЦЕФ централниот систем за парно греење е најоптимален тип на греење, особено за урбаниот, односно најгусто населениот дел од градот. Резултатите од оваа студија потврдуваат дека со натамошно зголемување на бројот на потрошувачи ќе се обезбеди негова поголема искористеност што ќе овозможи дополнително намалување на цената на услугата за сите корисници и до 25 отсто, а истовремено ќе значи и намалување на проблемот со загадувањето во Скопје, поради фактот што топланите работат на гас како најеколошко гориво.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS